Општи работи, човечки ресурси и техничка служба

Секторот за општи работи, човечки ресурси и техничка служба во ЈЗУ Здравствен дом Струмица ги врши книговодствено-финансиските, аналитичките, техничките, комерцијалните и административно-правните работи за потребите на целата установа.

Во правно-административната служба функционира одделението за правни работи, кадровското одделение, архивата, дактило бирото, отсек за одбрана, заштита при работа и противпожарна заштита и служба за дистрибуција на пошта и фотокопирница.

Вработените во човечки ресурси учествуваат во спроведувањето на постапката за засновање работен однос со нови работници во Домот. Овој дел од секторот ги следи, проучува законските и другите прописи и општи акти од областа на работните односи и здравството и непосредно ги применува во практиката. Врши стручно кадровска обработка на предметите за кои се води службена евиденција и издава уверенија, односно други исправи-потврди за фактите со кои располага. Ги доставува податоците за кадрите до организацијата надлежна за вработувањето, органите надлежни за пензиското и инвалидското осигурување, здравственото оигурување, заводите за статистика. Ги евидентира статусните промени и кадровските движења во Домот. Ја сложува документацијата на персоналните досиеја и ги внесува сите податоци кои настануваат за времетраењето на работниот однос.

Правната служба ги анализира законските и позаконските акти и дава упатства за нивна примена, укажува правна помош на вработените, се грижи за комплетирањето и чувањето на документацијата од работата на органите на Домот, подготвува и издава Информативен билтен, одговара за административно-правното и канцелариско работење, го застапува Домот пред судските и други органи заради заштита на имотно-правните и други интереси на Домот.

Аналитичкиот центар се грижи за навремено извршување на работите согласно динамиката на планот за работа и непосредно учествува во извршување на задачите во рамките на Домот. Води пропишана евиденција и документација и предлага мерки за поефикасно извршување на дадените работни задачи. Ги прибира и следи здравствено-статистичките податоци од Работните единици во Домот, одделенијата и отсеците , изготвува периодични и годишни извештаи , ги обработува добиените податоци и врши логичка контрола на добиените извештаи. Изготвува табели, графикони и соодветни информатички операции потребни за анализа на состојбите и по потреба остварува контакти и дава сугестии за формата и видот на приложените податоци. Врши анализа на обемот на извршената работа и изготвува компаративни анализи за следење на обемот и квалитетот на дадените здравствени услуги.Го следи морбидитетот , морталитетот и имунизацијата на населението, преку калкулирање на здравствените индикатори, карактеристични за поединечни возрасни групи. Предлага мерки за поефикасно извршување на работата на Домот, изготвува вонредни извештаи, согласно потребите на менаџерскиот тим и учествува во организирање и спроведување на внатрешен надзор над стручната работа.